Ивановски Кралев НАЦЕ-БУЃОНИ

Роден е во 1919 година во Куманово. Произлегува од сиромашно работничко семејство. Член на СКОЈ бил од пред војната. По завршувањето на основното училиште, во 1932 година го изучува ковачко-коларски занает. Во 1935 година го завршува занаетчиското училиште. Во 1934 се вклучува во напредното работничко движење кога станува и член на Металската синдикална подружница. Се дружи со напредни младинци од градот и станува постојан посетител на Работничкиот дом каде за првпат слуша за експлотацијата на работникот и за буржоазијата. Чита работнички весници и напредна литература, посебно книги со социјална тематика. Истата година станува член на воспитно-младинската група. Во работничкиот дом ги посетува предавањата и ги слуша разговорите на постарите комунисти и оние што раководеа со Урсовите синдикати во градот. Во 1938 година станува  член на СКОЈ и член на скоевската група раководена од Боро Петручевски-Папучар. Работи на  придобивање млади луѓе и нивно вклучување во напредното движење,особено меѓу чираците и калфите од градот и селата. Во 1938 година на денот на парламентарните избори зема учество на демонстрациите,а во 1940 година учествува во акцијата за пишување пароли во градот, организирана од Месниот комитет на Партијата. Поради тоа бил затворен, но наскоро ослободен поради недостиг на докази. Учествува во повеќе акции, вперени против Љотикевската фашистичка организација. По окупацијата на нашата земја 1941 година учествува во поедини акции организирани од Партиска организација, како на пример: во уништувањето на архивата на административно-полицискиот апарат на предвоена Југославија,за да не падне во рацете на окупаторот,во собирната акција на храна и облека за воените плници сместени во германскиот логор во Куманово и др. Особена активност пројавува во подготовките за формирањето на првите кумановски партизански одреди- Козјачкиот и Карадачкиот. На 11 октомври 1941 година станува борец на Карадачкиот одред. Загина на 14 октомври 1941 година во реонот на селото Белановце при борбата на Карадачкиот партизански одред против многубројната и подобро вооружена бугарска окупаторска војска и полиција.

Видија Техникус